Во услови на пандемија, кога училиштата се затворени а наставата се изведува онлајн, професорите и учениците од Основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп, својот патрон празник го одбележаа на оригинален начин. Во чест на 78 годишнината од загинувањето на својот патрон, тие подготвија видео материјал, на кој покрај обраќањето на директорката и дел од наставничкиот кадар, неколкумина ученици изведоа музички перформанс.

Во своето видео обраќање до наставниците, учениците, нивните родители и до останатите граѓани на општина Прилеп, директорката на училиштето, Славица Конеска – Темелкоска истакна:

„Нашето училиште се карактеризира со посебен дух. Препознатливо е по амбициозниот и млад стручен кадар кој постојано се усовршува. Како резултат на тоа се многубројните награди и признанија за учениците и самите наставници. Вам, почитувани родители, ви благодариме за поддршката и ангажираноста во овие вонредни услови, како би можеле учениците да ја совладаат наставната програма. Во изминатите години нашето училиште ја докажа својата хуманост преку донирање на парични средства собрани од одржаните концерти. За жал, оваа година не сме во можност да го одржиме годишниот концерт на кој се претставуваат најдобрите и најнаградуваните ученици и наставниците. Колективот на нашето училиште одлучи, средствата кои ќе се обезбедат од првиот следен концерт на учениците, да бидат донирани во Детското одделение во болницата од нашиот град. На сите ученици им посакувам добро здравје и успешно да ја завршат наставната година“, порача директорката Конеска – Темелкоска.

Во своевидниот мал видео концерт, учениците од „Ордан Михајлоски-Оцка“ се претставија со музички композиции отсвирени на пиано, клавир, хармоника, гитара и народни инструменти.

По повод 78 годишнината од загинувањето на Ордан Михајлоски-Оцка, претставници на Основното музчико училиште кое го носи неговото име, положија цвеќе на Могилата на непобедените, во Паркот на револуцијата во Прилеп.

Pin It on Pinterest

Споделете