ООМУ “Ордан Михајлоски – Оцка“

Формирање на музичкото училиште:

Уште во 1948 година е согледана потребата и важноста за формирање на музичко училиште кое ќе им овозможи на сите заинтересирани да можат музички да се образоваат. Наредната 1949 година, училиштето е формирано под раководство на директорот Данчо Шиндилоски. Со ограничени средства за формирање на училиштето, но сепак со голем ентузијазам, директорот заедно со наставниците успеале да соберат основен прибор со цел да се отпочне со работа. Првиот клавир го добиле од гимназијата, а исто така помогнало и семејството Арсоски, кое го донирало клавирот за потребите на училиштето. Секој наставник се потрудил да обезбеди по еден или повеќе инструменти и тоа: виолини, хорна, виола, дувачки инструменти итн. Наставникот Сергеј Михајлов ја донел потребната литература.  Директорот Шиндилоски  предавал виолина и солфеж, Борка Фицироски – виолина и контрабас, Томе Ѓорѓиоски – виола и чело, Благоја Стојкоски – дувачки инструменти, Сергеј Михајлов – клавир и виолина. Во градот преовладувала предрасуда дека со музика не може да се обезбеди егзистенција и затоа наставниците се обидувале на разни начини да го докажат спротивното. На пример, одржале концерт пред сите родители со порака дека и нивните деца во иднина ќе можат да се образoваат и тоа да им биде животна определба. На првиот конкурс се јавиле 826 кандидати, но според можностите на училиштето (простории и наставен кадар), биле примени 165. Од нив 85 за виолина, 32 за клавир, 32 за дувачки инструменти, 6 за виолончело, 5 за контрабас и виола. И покрај финансиските проблеми, сепак имале поддршка од Градскиот одбор и уште наредната година биле снабдени со многу повеќе инструменти. На концертите постепено почнале да се свират потешки дела, а воедно се оформил и детски симфониски оркестар. Со Народниот театар подготвиле оперета („Мамзал Нитуш“) која била оценета мошне добро. Потоа следувале години на зреење, училиштето го следеле разни проблеми кои биле надминувани. Во текот на своето постоење учениците учествувале на безброј концерти, натпревари од државен и меѓународен карактер и освојувале многу награди. Напредокот на училиштето се должи и на наставниот кадар кој е многу посветен на воспитно – образовниот процес во училиштето. Отворени се и нови класи по инструменти, како на пример, соло пеење, гитара, саксофон, народни инструменти, а во иднина се надеваме дека ќе има и нови. Успешноста на училиштето е резултат на одржување на наставата во стимулативна и креативна атмосфера, следење на современите трендови, како и добрата соработка на директорот, наставниот кадар и останатите вработени со локалната заедница и родителите.